Уште еден месец за пријавување субвенции во земјоделството
Земјоделците имаат уште еден месец за пријавувањето на субвенциите во земјоделството. Новина е што фармерите кои имаат услови, ќе можат и самите по електронски пат да ги поднесуваат барањата од дома.

До 30-ти јуни земјоделците можат од дома преку компјутери да поднесуваат барања за субвенции до Платежната агенција.
Барателот може да ги внесе потребните податоци самостојно или со помош на вработените во подрачните единици на Министерството за земјоделство и на советодавната агенција.
Досега скоро 40 проценти од корисниците на субвенции веќе ги доставиле апликациите.
Најмногу пријавени или 70 проценти од земјоделците има во Неготино, а најмалку во Кратово, Македонски брод и во Струга.
Во овој период се поднесуваат барањата за растителното производство, односно за житни и за градинарски култури, за одржување на лозови и овошни насади, како и за производство на сертифициран семенски и саден материјал.
За сточарското производство се поднесуваат барања за одгледување на говеда, овци, кози, свињи, пчели и на живина.
Методија Трајков
