Поплави низ светот, поројните дождови најмногу ја погодија Европа
Поплави низ светот, поројните дождови најмногу го погодија европскиот континент. Во Германија има жртви. Поплави има и во САД и во Австралија. Во повеќе држави на сила се тревоги и евакуација на населението...

Четири лица загинаа во поплавите во Франција и во Германија. Тројцата Германци биле заробени во поплавена куќа, а 86-годишната жена била пронајдена во својот дом во централна Франција. Големите поплави стигнаа и до замокот Шамбор, еден од најпознатите дворци од 16 век. Во Париз кејот на реката Сена е затворен поради зголеменото ниво на вода, а 80 км оттаму, населението е евакуирано. Само во последниве неколку денови, граѓаните побарале помош од спасувачките служби 8.000 пати. Метеоролозите најавуваат дожд и во наредните денови.
„Овде сум веќе 45 минути. Обично ми требаат 20 минути да стигнам до 12-тиот округ, но денеска ќе потрошам скоро еден час.“
„Мора да сме трпеливи. Згора на се, штрајкуваат железниците и метроата.“
„Водата надоаѓа, мора да бегам. Не беше вака, сега е сериозно.“
И Германија се бори со силно невреме, особено во Баварија каде што се потопени два града.
Во соседна Австрија беа поплавени неколку улици во источниот дел.
Североистокот на Романија се бори со силно невреме коешто предизвика хаос во сообраќајот.
Во поплавата во Полска се удави 61-годишна жена. А невремето проследено со грмотевици усмрти 40-годишна жена, и рани тројца додека планинареле во јужниот дел од земјата.
„Погледнете колку е се поплавено, а нема дожд само половина час.“
„ Колегите отидоа во шумата, и тогаш почнаа бурата и грмотевиците. Екипите мораа да чекаат да се смири малку времето.“
Поројните дождови предизвикаа проблем и преку Големата бара. Во сојузната американска држава Тексас, 1.000 луѓе мораа да ги напуштат живеалиштата откако поројните дождови ја излеаја реката Бразос од коритото. Во Хјустон загинаа шестмина.
