Расте бројот на жртви во поплавите низ Европа
Вонредна состојба во неколку области во Германија. Се зголемува бројот на жртви во поплавите на европскиот континент. Метеоролозите најавуваат дожд и во наредните денови.

Неколку лица загинаа во поплавите во Франција и во Германија. Илјадници домови во Баварија останаа без електрична енергија. Во дел од Франција е евакуирано населението поради најголемата поплава во последните 100 години. Водата го прекри и замокот Шамбор, еден од најпознатите дворци од 16 век.
Во Париз, кејот на реката Сена е затворен поради зголеменото ниво на вода. Само во последниве неколку денови, граѓаните побарале помош од спасувачките служби 8.000 пати. Метеоролозите најавуваат дожд и во наредните денови.
„Овде сум веќе 45 минути. Обично ми требаат 20 минути да стигнам до 12-тиот округ, но денеска ќе потрошам речиси еден час.“
„Мора да сме трпеливи. Згора на се, штрајкуваат железниците и метроата.“
„Водата надоаѓа, мора да бегам. Не беше вака, сега е сериозно“, велат жителите.
Во Австрија беа поплавени неколку улици во источниот дел.
Североистокот на Романија се бори со силно невреме коешто предизвика хаос во сообраќајот.
Во поплавата во Полска се удави 61-годишна жена. А невремето проследено со грмотевици усмрти 40-годишна жена, и рани тројца додека планинареле во јужниот дел од земјата.
„Погледнете колку е се поплавено, а нема дожд само половина час.“
„Колегите отидоа во шумата, и тогаш почнаа бурата и грмотевиците. Екипите мораа да чекаат да се смири малку времето.“
Поројните дождови предизвикаа проблем и преку Големата бара. Во сојузната американска држава Тексас, 1.000 луѓе мораа да ги напуштат живеалиштата откако поројните дождови ја излеаја реката Бразос од коритото. Во Хјустон загинаа шестмина.
