Ќе се гради приватна градинка во Илинден
За овој проект е одобрен грант од државата во вредност од 10.000 евра. Ова е втора приватна градинка „Изворче Монтесори“.

Нова приватна градинка ќе се гради во Илинден. 120 деца ќе бидат згрижени во комплекс од три дела кој покрај градинката, ќе има и научно-истражувачки центар кадешто ќе можат да ја развиваат својата креативност и во втората фаза основно училиште. За овој проект е одобрен грант од државата во вредност од 10.000 евра. Ова е втора приватна градинка „Изворче Монтесори“.
„Монтесори е еден од најнапредните системи за едукација во светот. Од него произлегле многу денешни сопственици на компании во областа на современите технологии, како на Фејсбук, Гугл, Амазон“, рече Божана Марковска, директор на „Изворче Монтесори“.
Според првиот човек на општина Илинден, отворањето на нова и модерна градинка е од големо значање за жителите.
„Оваа парцела кон крајот на минатата година се отуѓи, а сега ќе се почне со изградба. Крајна цел е подобрување на условите за живот на граѓаните и подобрување на квалитетот на животот“, вели градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски.
Сѐ уште е отворен јавниот повик за нови приватни градинки со грант од 10.000 евра од државата. Огласот ќе трае се додека не се искористи предвидениот буџет.
„Најновата мерка грант неповратни средства од 10 илјади евра за отворање приватна детска градинка ги потикнуваат приватните инвеститори и во изминатите две три години се зголемува бројот на новоотворени детски градински“, изјави министерот за труд и социјала, Диме Спасов.
Во Македонија има 26 приватни детски градинки и 6 центри за детски развој. Во нив се згрижени 2000 деца,а се отворени 150 нови работни места.
Викторија Милевска
