Продолжи расправата за предлогот за импичмент на Иванов
Во Собранието, второ продолжение на расправата во комисијата за импичмент на претседателот Иванов. Според опозицијата, Иванов со одлуката за аболиција, злоупотребувајќи ја функцијата, ја продлабочил политичката криза и го прекршил Уставот. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека одлуката на шефот на државата е уставна и издржана, а барањето на опозицијата за импичмент го оценуваат како неосновано...

Комисијата за утврдување импичмент за претседателот треба да даде одговор дали е прекршен Уставот или некој закон, а не да утврдува мотиви зошто Иванов донел одлука за аболиција – пратениците на ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните колеги од опозицијата повеќе сакаат да зборуваат за политика отколку за право. Според мнозинството, граѓаните ќе го имаат крајниот збор на избори.
Опозициските пратеници не отстапуваат од тврдењата дека шефот на државата имал повеќе мотиви за потпишувањето на помилувањата, меѓу кои и да ја опструира работата на Специјалното обвинителство.
И пратениците од ДУИ велат дека аболициите треба целосно да се повлечат.
Извештајот на Комисијата ќе биде доставен до Собранието. За да помине на пленарна седница треба да добие двотретинска поддршка од пратениците.
Анита Димитријевска
