Клинтон со жестоки напади против Трамп
Хилари Клинтон со жестоки напади против противникот Трамп. „Неговата победа на изборите за претседател на САД би била историска грешка“, им порача фаворитот на Демократите на гласачите во Сан Диего...

Фаворитот за претседателски кандидат на Демократите, Хилари Клинтон изјави дека Американците ќе направат „историска грешка“ доколку го изберат Доналд Трамп за претседател на САД.
„Трамп не дава идеи, туку бизарни празни зборови, провокации, и невидени лаги. Тој не е подготвен. Неговиот темперамент не е соодветен за функцијата за која се потребни знаење, стабилност и огромна одоговорност“, вели Хилари Клинтон, претседателски кандидат на Демократите.
Трамп не ја поштеди Клинтон од коментари.
„Хилари беше патетична. Наводно ќе држеше говор за надворешна политика, но тоа беше политички говор и немаше никаква врска со надворешните работи. Веќе ги освоивме Калифорнија, Монтана, Њу Џерзи, Ново Мексико, Јужна Дакота. Имаме милиони гласови повеќе“, рече Доналд Трамп, претседателски кандидат на Републиканците.
Неговите ставови за надворешната политика предизвикаа многубројни контроверзи. Бара забрана за влез на муслиманите во САД, ѕид по должината на границата со Мексико, ревизија на НАТО и финансирање од сојузниците на САД на Далечниот Исток доколку сакаат да имаат американска заштита.
Клинтон ја нападна и економската политика на нејзиниот противник зашто ќе го намали бројот на работни места, платите, а во исто време, ќе го зголеми долгот.
Прелиминарните избори во вторник во Калифорнија, која дава најголем број делегати на Демократската национална конвенција, може да бидат клучни за дефинитивно потврдување на изборот на Клинтон за претседателски кандидат на демократите.
Анкетите на Ројтерс и Ипсос покажуваат дека гласачите првенствено излегуваат да гласаат зашто не го сакаат ни едниот ни другиот кандидат. Половина републиканци ќе го дадат својот глас за Трамп само зашто не им се допаѓа Клинтон, а 41 процент од демократите како главна причина навеле дека не сакаат да победи Трамп.
