Европа брои жртви од поплави

03.06.2016 15:56

Двајца загинати во поплавите во Романија. Франција пред прогласување на вонредна состојба откако се прелеа реката Сена...

Нивото на водата во Сена во Париз достигна 6 метри. Музејот Лувр е затворен за да може да се преместат вредните уметнички дела на безбедно место.

„Дојдовме да го посетиме музејот Лувр, но за жал кога пристигнавме видовме дека е затворен за посетители. Утре си заминуваме, можеби иднот пат ќе имаме повеќе среќа“, велат еден посетител.

„Велат дека ова се најголемите поплави запаметени во последните 100 години. Сметам дека властите требаше да реагираат порано. Има многу туристи кои разочарани заминуваат од градот“, додава жител на Париз.

Најпогодени се жителите околу реката Сена. Се плашат дека нивото на водата и натаму ќе расте.

„Живеам тука 32 години ова е невидено.“

„Вчера водата беше околу 20-ина сантиметри, еве како што гледате сега, нивото на водата и натаму ќе се искачува“, велат околните жители.

Во поплавите во Франција и во Германија загинаа 11 лица, а илјадници беа принудени да си заминат од домовите. Метеоролозите најавија дождови и за викендот во централноевропскиот појас почнувајќи од Франција, па се до Украина. Неколку градови во Јужна Германија се уништени. Невремето зафати делови и од Белгија, Полска, Романија и Австрија. Во поплавите во Романија досега двајца загинаа.