Половина од автопатот Кичево- Охрид ќе биде изграден до крајот на годинава

03.06.2016 16:03

Автопатот Кичево- Охрид ќе биде изграден во предвидениот рок- до крајот на 2018-та година. Ова при денешната посета на Кичевско- охридскиот регион го рече министерот за транспорт, Владо Мисајловски, при што беше информиран дека досега се пробиени осудесет проценти од трасата...

До крајот од годинава ќе бидат завршени 50% од градежните работи на новиот автопат Кичево- Охрид. Досега се пробиени 80% од трасата, а во моментот се работи на пробивање на тунелот кај Пресека, кој ќе биде најголем во државата со должина од два километри.

„Тоа значи дека во изминатиов период по завршување на имотно-правните односи кои ги теравме заедно со Јавното претпријатие за државни патишта и сите оние дополнителни ревизии и проектирања ќе имаме комплетно пробиена траса  и ќе имаме можност целосно да навлеземе на трасата да ја сработиме“, изјави министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски.

Во текот на летото со цел да се зголеми безбедноста во сообраќајот ќе биде поставена дополнителна сигнализација.

„Во најголем дел се исполнети барањата пред се од МВР, кои што ни ги диктираат тие работи за добивање на времен режим на сообраќајот, но ќе дадеме дополнителна иницијатива да се постават повеќе знаци со оглед на летната сезона која доаѓа“, рече Александар Стојановски, директор на ЈП за државни патишта.

На делницата Кичево- Охрид моментално работат преку 1.200 работници кои користат над 550 машини. Доколку изградбата се одвива со сегашното темпо автопатот ќе биде изграден во предвидениот рок, до 2 018-тата година.

 

Сашо Нелоски