Груевски: Се исполнуваат реформските приоритети

01.06.2016 17:13

Тргнувајќи од судството, медиумите, администрацијата, безбедноста и во повеќе други области, институциите со полна фокусираност и со сите капацитети работат да ги подготват првите чекори и тоа што е потребно за да се почне со процесот на исполнување на барањата...

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски изјави дека институциите се целосно фокусирани кон исполнување на итните реформски приоритети кои се запишани во извештајот на Европската унија. Според него, во процесите ќе може да биде вклучена и опозицијата ако таа го сака тоа.

Груевски, кој денеска присуствуваше на отворањето на контактна канцеларија на Фондот за иновации и технолошки развој, изјави дека е информиран оти во повеќе области, тргнувајќи од судството, медиумите, администрацијата, безбедноста и во повеќе други области, институциите со полна фокусираност и со сите капацитети работат да ги подготват првите чекори и тоа што е потребно за да се почне со процесот на исполнување на барањата.

Тие, генерално, ќе бидат добри и за Република Македонија, заради зајакнување на државата и зајакнување на институциите. Потоа, откако ќе бидат готови, ќе бидат споделени со многу меѓународни и домашни експерти, меѓународни организации и сите оние кои можат и треба да бидат инволвирани во разгледувањето и дооформувањето на овие проекти, додаде Груевски.