Фондот за иновации со нов повик за грантови

01.06.2016 17:06

Обезбедени се 450 илјади евра за финансирање иновативни проекти. Ќе бидат поделени на 15 претпријатија. Досега пари за реализирање на иновациите добиле 33 микро и мали претпријатија...

Сите претпријатија кои имаат иновативни идеи, чиј предизвик е технолошкиот развој ќе можат да аплицираат во Фондот за иновации. Утре ќе биде објавен трет јавен повик за финасирање проекти. 450.000 евра обезбедени за овој проект ќе бидат поделени на 15  претпријатија.

„Она што ќе го поддржуваме и оваа година се претпријатија кои постојат најмногу шест години, кои се микро, мали или средни и кои имаат иновативен проект. Треба да се обрне посебно внимание на степенот на иновативност на проектите, на пазарниот потенцијал, дали се наменети за извоз или за домашниот пазар, на капацитетот на тимот, односно дали се има менаџерски способности, меѓутоа и техноички капацитети да се изведе проектот, на квалитетот на проектот- како е изведена апликацијата, дали е доволно добро подготвена, и секако на финансиските проекции“, изјави Јасмина Поповска, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Со 1.300.000 евра од Фондот за иновации досега пари добиле 33 микро и мали претпријатија.  Иновациите и развојот на технологијата го движат светот, затоа велат надлежните пред три години го основале Фондот.

„Апелирам до сите поединци и компании да аплицираат со квалитетни проекти за да бидат финансиски поддржани од Владата, бидејќи иновациите и претприемачкиот дух се важни за развојот на државата“, рече премиерот Емил Димитриев.

Заклучно со 2017 година предвидено од Фондот за иновации е да бидат инвестирани 10 милиони евра.

 

Наташа Јанчиќ