Закажана првата седница на Комисијата за импичмент на Иванов

01.06.2016 16:38

„Мојата одлука за поништување на помилувањата на политичарите беше поради тоа што токму за нив имаше најголеми реакции кога ја соопштив аболицијата“, вели претседателот Иванов. Утре се очекува собраниската Комисија за импичмент на шефот на државата да ја одржи првата седница...

Собраниската комисија за импичмент на претседателот што беше формирана по иницијативата на СДСМ утре ќе ја одржи првата седница- потврди првиот човек на телото, Зоран Илиоски.

Денеска имало координација на сите членови  кои се очекува во наредната седмица да расправаат на отворени седници и да заклучат- дали иницијативата има оправданост. Иако СДСМ ја поднесе иницијативата, пратениците гласаа против формирањето на собраниската комисија поради незадоволство од соодносот на членовите. Одлуката ја обжалија и пред Управниот суд.

Шефот на државата, од Софија повтори дека при одлуките за помилување се водел од интересите на државата. Последната одлука за повлекување на аболицијата за 22-ца политичари ја донесол во консултација со правници.

„Јас на лидерите им понудив решение на кризата. Да има помирување. За сите предмети и на власта и на опозицијата да се замрзне постапката, што е овозможено и со Уставот и со законот. Нема ништо противуставно или противзаконско. Очекувам сите оние кои не се политичари, а се дел од таа листа, соглесно роковите од законот, да поднесат барања и да им се овозможи тоа што го бараат- да им се повлече помилувањето“, изјави претседателот Иванов.

Досега нема пристигнато ниту едно барање за поништување на помилување од лицата чии помилувања не беа поништени со новата одлука на претседателот, велат од кабинетот на Иванов.

 

Миле Ристески