Оглас за субвенционирано вработување лица во социјален ризик
За две години преку оваа мерка работа добиле 126-мина во 114 приватни компании. Според ресорниот министер, останува приоритет решавање на најзначајното животно прашање за овие луѓе – нивно вработување и обезбедување средства за нивна лична егзистенција и за нивното семејство...

Објавен е оглас за субвенционирано вработување лица во социјален ризик. За две години преку оваа мерка работа добиле 126-мина во 114 приватни компании. „Идадија Инжинеринг“ е една од фирмите која со владини субвенции, вработува луѓе во социјален ризик.
Според ресорниот министер, останува приоритет решавање на најзначајното животно прашање за овие луѓе – нивно вработување и обезбедување средства за нивна лична егзистенција и за нивното семејство.
„Можат да аплицираат сите приматели на социјална парична помош, жртви на семејно насилство, лица кои што имале статус на деца без родители и родителска грижа, исто така, лица кои што се наоѓаат во социјален ризик, односно имаат ниски приходи. Огласот ќе биде објавен еден месец и на него можат да аплицираат и сите приватни компании кои што се заинтересирани со субвенционирање да вработат лица од овие категории“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.
Според оваа мерка, Министерството за труд и социјална политика во време од шест месеци дава по 23.000 денари, од нив 17.000 денари за субвенционирање на плата на вработениот, а 5.000 денари за трошоците за обука и за материјали кои што ги има работодавачот. По завршувањето на периодот за субвенционирање, работодавачот има обврска вработениот да го задржи на работа уште шест месеци.
Викторија Милевска
