Договорот за соработка меѓу Македонија и Бугарија во завршна фаза
Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија влегува во завршна фаза. Претседателите на двете земји велат дека може да се очекува до крајот на годинава да се стави потпис. Во Софија, денеска Самит на државите од Југоисточна Европа...

Македонија и Бугарија пред потпишување на Договор за добрососедство и соработка. На средбите на шефот на македонската држава со бугарскиот државен врв, било изразено задоволство од напредокот на работните групи. Министрите за надворешни работи се согласиле за некои клучни формулации и термини во текстот, кој потоа ќе оди на усогласување на кај двете страни. Договорот вели претседателот Иванов, ќе овозможи Макеонија да го користиме целиот потенцијал што го има Бугарија, како земја- членка на НАТО и ЕУ, што би ни излегла во пресрет.
„Имаше оптимизам и кај бугарскиот претседател и кај премиерот Борисов дека штом работните групи, министерствата ги нашле тие решенија, текстот сега ќе оди на усогласување кај двете страни. Тие се оптимисти дека во текот на оваа година може да се постигне и да се потпише тој договор“, рече претседателот Иванов.
На самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржа во бугарската престолнина, претседателот Иванов ги реафирмираше принципите на добрососедство и соработка.
Споделувањето на заедничките вредности со Европската унија, регионот кој го покриваат земјите- членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, од периферијата на Унијата, го направи дел од неа, нагласи преседавачот Росен Плевнелиев. Во иницијативата членуваат 13 земји со 150 милиони жители со износ на бруто домашниот производ од 440 милјарди евра, со проекции во наредните 5 години да достигнат илјада и 600 милјарди евра.
„Како никогаш досега сме толку добри и како никогаш досега имаме голема трговија и број на туристи. Како никогаш досега сме толку поврзани и како никогаш досега имаме толкава слога за отворање на заедничките хоризонти. Само заедно претставуваме пазар кој е доволно голем за да биде атрактивен за стратешките инвестиции“, рече Плевнелиев.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во 1996-тата во Софија на бугарска иницијатива како регионален форум. Македонија е меѓу првите членки.
За 20-те години постоење процесот ја оправдува целта, тврдат членките. Продлабочена е соработката меѓу земјите учеснички, зачуван е мирот и стабилноста, а се интензивираат економските релации. Нареден претседавач со процесот е Хрватска.
Приоритети на Хрватска се солидарност, помош на кандидатите за членство во ЕУ и НАТО, енергетска и инфраструктурна поврзаност и борбата против тероризмот.
Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Софија за МРТ
