Интензивно се обновува регионалниот пат во Кривогаштани
Регионалните и локалните патишта во руралните средини се многу значајни, не само за подобрување на квалитетот на животот во населените места, туку уште повеќе им помагаат на земјоделците, особено пред летните интензивни работи. Кривогаштани ќе добие нов регионален пат, инвестиција од 70 милиони денари, а во межувреме се обновуваат уште 10-ина патни правци во земјава...

Пет населени места со 4.000 жители, што е повеќе од половината на општина Кривогаштани очекуваат летово да биде завршен регионалниот пат Кривогаштани-Обршани-Воѓани. Ќе им го подобри животот, особено полесно ќе им биде на земјоделците.
„Овој е фрекфентен пат. Сите производи одат по овој регионален пат“, вели Илија Катмероски, жител на селото Бела Црква.
„Е благодет за сите жители на оваа општина што ќе го користат и поколенија од нас. По 30 години сега се гради. За земјоделците најмногу, зашто ние сме постојано на патиштата“, вели Веселин Огненоски, од селото Пашино Рувци.
Патот во должина од 10 километри е инвестиција од 70 милиони денари и забрзано се работи за да биде готов.
„Околу 40 проценти е комплетно завршено, останува другите градежни работи да ги завршиме наредните два до три месеца. Согласно динамиката, компанијата изведувач, ме информираше дека многу побрзо од договореното ќе заврши, што е одлична можност граѓаните многу побрзо да го почувствуваат овој регионален пат“, изјави Владо Мисајловски, министер за транспорт и врски.
Според јавното претпријатие за државни патишта се работи во речиси сите македонски региони. Во моментов се обновуваат 10-ина патни правци.
„Македонија е едно големо градилиште се работи во сите региони и очекуваме до крајот на оваа година голем дел од овие патни правци да бидат готови со рехабилитацијата“, вели Александар Стојанов, директор на ЈП за државни патишта.
Инаку, во Кривогаштани се изградени уште 4 локални патишта во вредност од 20 милиони денари, а досега сите инвестиции во инфраструктурата се преку 3 милиона евра.
Елизабета Митреска
