Повторно одложено рочиштето за случајот „Диво насеље“
Судскиот процес „Диво насеље“ денеска повторно е одложен откако полицијата на Врховниот суд не им дозволи на новинарите и на адвокатите да влезат во зградата каде требаше да се одржи рочиштето. Од Врховниот суд дадоа само краток одговор- не сме виновни и немаме никаква надлежност за одложувањето на судскиот процес...

Обвинетите во судница- адвокатите, роднините и медиумите надвор. Судската полиција не ги пушти во зградата. Одложено рочиштето за „Диво насеље“.
Од скопска единица регаираа- Врховен не ги испочитува нашите препораки.
„Затекнати сме од судската полиција на Врховен која не дозволи влез на бранителите во салата“- пишува во соопштението на Кривичниот суд. Појаснуваат дека за судењето на обвинетите во „Диво насеље“ ги обезбедиле сите технички услови, а бил изготвен и оперативен план за начинот на обезбедување на судскиот комплекс. Судот препорачал претседателите и судската полиција од другите судови да дадат подршка на судската полиција на Кривичниот суд.
Одговори врховниот суд. „Врховниот суд и судската полиција немаат никаква надлежност во однос на организацијата на ова судење кое се одржува во свечената сала дадена на времено користење на Основниот суд Скопје 1 Скопје за период од 6 месеци, со одлука на Владата на Република Македонија“ пишува во кусото соопштение на Врховен.
Владата ја донесе одлуката поради тоа што Кривичниот суд нема доволно голема судница. Во случајот „Диво насеље“ обвинети се 37-мина.
Миле Ристески
