Судската администрација ќе штрајкува пред Министерството за правда
31.05.2016 16:12
Штрајкот на Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судска администрација се сели пред Министерство за правда. Организаторите најавија радикализација се додека не се исполнат нивните барања за покачување на платата за 35 проценти. Донесоа одлука од петок да не издаваат уверенија со печат, а од понеделник да не ги работат постапките за обезбедување на докази...

Синдикатот на УПОЗ и Здружението на судската администрација од утре на протест пред Министерството за правда. Најавија дека од петок судовите нема да издаваат уверенија, а од понеделник запираат постапките за обезбедување докази.
Од Синдикатот велат дека, кога на повидок било решение, двете писма кои до владата ги испратил поранешниот претседател на Судскиот совет го однеле штрајкот во друга насока. Според претставниците на УПОЗ, во едното од писмата тој побарал исплата на додатоците на плата, а во другото дал политички квалификации за штрајкот и за синдикатот.
Од УПОЗ велат дека синдикатот го најавува секој штрајк според законите.
Штрајкот трае 10 дена. Судската администрација бара исплата на додатоци на плата во износ од 35 проценти исто како што тоа е предвидено кај судиите, јавните обвинители и службениците во јавните обвинителства.
Ана Јосифоска- Тодоровска
