Добра правна рамка за борба против корупцијата, проблем е имплементацијата
31.05.2016 15:45
Земјата максимално да се посвети на борбата против корупцијата и владеењето на правото, побараа амбасадорите на ЕУ и на Холандија во земјава. Последниот извештај на „Транспарентност“ покажува дека Македонија има добри закони но проблем е нивната имплементација...

„Македонија има добра правна рамка за борба против корупцијата, но слабо се спроведуваат антикорупциските закони“- покажува истражувањето на Транспарентност. Предмет на извештајот за националниот систем за интегритет биле законодавната, извршната и судската власт, Државната изборна комисија, Народниот правобранител, Државниот завод за ревизија, Антикорупциската комисија, политичките партии, медиумите, граѓанското општество, Јавното обвинителство, јавните претпријатија, како и деловниот и јавниот сектор. Се вреднувале системите за внатрешно управување и процедурите, како и улогата во борбата против глобалното зло.
Амбасадорите на Европската Унија и на Холандија сметаат дека клучна улога за побрз влез во ЕУ и НАТО е земјава максимално да се посвети на борбата против корупцијата и владеењето на правото.
Според извештајот, најдобри оценки за антикорупциски практики добиле Државниот завод за ревизија и Народниот правобранител, а најслаби - деловниот сектор, медиумите и јавните претпријатија.
Игор Панов
