Пресуда за случајот „Фабрика за афери“

31.05.2016 15:19

Две и пол години затвор за Захир Беќири- Чауш поради тоа печател лажни лични карти. Виновен е и неговиот брат. Пресуда за случајот „Фабрика за афери“...

Две и пол години затвор ќе издржува Захир Беќири – Чауш затоа што печател лажни лични карти. Ќе треба  да плати и две илјади евра. Ваква пресуда донесе првостепениот суд. За виновен е прогласен и неговиот брат Имер, кој е осуден на едногодишна робија и парична казна од илјада евра. За делото изработка и набавка на оружје, браќата добија ослободителна пресуда.
 
Тоа значи дека ако обвинителството не се жали, или пак Советот ја потврди одлуката на судот, Чауш и брат му, ќе излезат од притвор.
 
Обвинителството своевремено тврдеше дека освен запленетите алатки за изработка на личните карти, во домот на обвинетите се пронајдени и 70 илјади аудио записи од нелегално прислушуваните разговори кои, според обвинителството, требало да се искористат за уценување на политичари и бизнисмени. Но, за овие снимки не стана збор на главната расправа.
 
На судењето за случајот „Фабрика за афери“ обвинетите се бранеа дека не се виновни и дека електронските фајлови за изработка на личните карти им биле подметнати.
 
 
 
Анита Димитријевска