Средба Иванов- Плевнелиев, во фокус актуелните состојби во регионот
31.05.2016 16:48
Актуелните состојби во регионот, мигрантската и бегалската криза како и односите меѓу Бугарија и Македонија се теми на разговор на состанокот на претседателот Иванов со неговиот колега Плевнелиев. Од утре Иванов ќе учествува на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Софија...

Работната посета во Софија претседателот Ѓорге Иванов ја почна на средба со неговиот бугарски колега Росен Плевнелиев. На средбата која што почна пред неколку минути се очекува да стане збор за актуелните состојби во регионот, мигрантската и бегалската криза, за билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија и евроатланските перспективи.
Софија утре е домаќин на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, која годинава одбележува 20 години од формирањето. На самитот ќе учествуваат шефови на држави и влади на земјите членки на процесот.
На утрешниот самит претседателот Иванов ќе ја афирмира позицијата на Република Македонија, дека и натаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување посветен на промоција на принципите за добрососедство.
Македонија се залага за продлабочување на регионалната соработка и поврзување на регионот, развивање и модернизација на инфраструктурата што би потикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување странски инвестиции. Процесот за соработка во Југоисточна Европа е формиран во 1996-тата во Софија на бугарска иницијатива, како регионален форум. Главна цел е продлабочување и соработка меѓу земјите учеснички за зачувување на мирот и стабилноста, приближување кон евроатланските интеграции и интензивирање на економските релации.
Пред почетокот на Самитот, во бугарската влада, утре, шефот на македонската држава Иванов ќе се сретне и со бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Наташа Гркова- Петрушевска, специјален известувач од Софија за МРТ
