Најмалку три жртви во железничка несреќа во Белгија

06.06.2016 10:39

Се судрија два воза во близина на белгискиот град Лиеж. Има жртви и десетици повредени. Несреќата се случила синоќа кога патнички воз удрил во товарен. По судирот вагоните излетале од шините. Белгиските власти ги истражуваат причините за несреќата.

Најмалку тројца мртви и 40 повредени во железничка несреќа на истокот на Белгија. Патничкиот воз превезувал околу 40 патници кон Лиеж. Со брзина од 90 км/ч удрил во товарен воз кој се движел на истата пруга. Од силниот удар, два од шесте вагони се откачиле и се превртеле.

„Засега има тројца мртви, и 40 повредени. Ги истражуваме причините за несреќата. Двата воза се целосно уништени“, велат надлежните.

На местото на несреќата веднаш интервенирале противпожарникарите и полицијата. Поставен е и центар за прва помош. Поради големата оштетеност на возилата, патниците морале да ги вадат од остатоците од вагоните. Дел од повредените се во сериозна здравствена состојба.

Во 2010 година загинаа 18 луѓеи беа повредени 95 во судир на возови во предградие на Брисел. Пред три години, воз кој превезувал токсични материјали излетал од шините и експлодирал. Тогаш загина едно лице, а 50 беа повредени.