Владата ги усвои измените за минималецот
На последната владина седница беа усвоени измените на Законот...

На последната владина седница беа усвоени измените на Законот за минимална плата со кои треба да започне тригодишното. Со нивното изгласување во Собранието, реално ќе започне зголемувањето на минималната плата од сегашните 8.050 денари на 10.080 денари.
„Покачувањето ќе се реализира од март 2014 година, а ќе заврши до март 2016 година. Со тоа, на крајот од овој процес минималната плата во Македонија ќе се покачи на 10.080 денари“, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Синдикатите и работодавачите се задоволни од законското решение и се надеваат дека тоа ќе се применува во пракса.
„Ако ја споредиме плата во Македонија пред донесувањето на законот за минимална плата во висина од некаде 4.500 во текстилната до 5.500 во останатите гранки доволно може да се утврди за каков напредок зборуваме“, вели претседателот на Сојузот на синдикати, Живко Митревски.
Доколу работодавачите не ги почитуваат измените за минималецот, министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, најави дека ќе следуваат казни.
„Казните се од 7.000 до 8.000 евра за правното лице и од 3.000 до 4.000 евра за одговорното лице во правниот субјект со тоа што при утврдување неисплата на минимална плата, согласно законот се донесува решение работодавецот во рок од осум дена да ја корегира на некој начин грешката и да постапи согласно со забелешките од инспекторатот“, рече Спасов.
Согласно измените, во март годинава минималната плата ќе изнесува од сегашните 8.050 денари на 8.800 денари, во март 2015 година - 9.590 денари, а во март 2016 година ќе достигне 10.080 денари.
За текстилната и кожарската индустрија ќе има период на пригагодување до 2018 година.
