Над 80 милиони евра инвестиции во 200 километри регионални патишта

05.06.2016 17:13

За 18 месеци треба да биде готов регионалниот пат Кочани- Македонска Каменица- Делчево. Надлежните извршија увид во градежните активности. Инвестиција е вредна шест милиони евра. Во обнова и изградба на патната инфраструктура во државава се инвестираат од 80 до 90 милиони евра...

Се работи на рехабилитацијата на регионалниот пат Кочани- Делчево. Договорот за негова реализација чини 6 милиони евра. Надлежните најавија- ќе биде изграден за 18 месеци.

Оваа делница која не поврзува и со соседна Бугарија е важна за жителите од источна Македоија, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски. Делчево- Кочани е дел од пакетот регионални патишта во чија обнова и изградба моментно се инвестираат околу 80 милиони евра.

Покрај регионалните, посочи министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, во следниот период ќе почне изградбата на експресните патишта, Прилеп- Градско, Штип-Кочани, а таму градежните активности биле планирани за октомври, кога треба да почне и изградба на експресниот пат Радовиш- Штип.

Тековните активности во обновата на регионалните патишта, изградбата на автопатите Скопје- Штип, Кичево- Охрид и обновата на дел од автопатските делници, според надлежните е од голем интерес и за домашната градежна оператива која е вклучена во сите овие проекти.

 

Наташа Гркова- Петрушевска