Со иновации до поголем економски раст

05.06.2016 15:43

Државите во светот треба да се насочат кон изградба на екосистеми за иновации што ќе донесат економски раст, оценуваат јапонски и американски експерти. Зголемувањето на светското население бара создавање на паметни градови што можат да одговорат на потребите на луѓето. И Европската Унија преку програмата „Хоризонт 2020“ обезбеди фонд за развој на екосистеми во Европа.

Иднината на развојот е во вложување во иновациите, воведување на одржливи екосистеми и изградба на паметни градови за милиони жители, оценуваат експертите од Јапонската агенција за меѓународна соработка и Американската агенција за меѓународен развој. Новите индустрии и технологии го трансформираат светот, затоа земјите во развој треба да се насочат кон користење на овие откритија за зголемување на економскиот раст и животниот стандард на населението. 

„Истражувачките лаборатории не можат да го решат секој проблем во местата со мали приходи, но можат да бидат насока за зацврстување на иновативните екосистеми, да најдат пристап за локалните предизвици што ќе ги рефлектира идеите, дизајнот и потребите на пазарите. Значи тие можат да бидат трансформативен инструмент за локалната индустрија во развој, напредното занаечиство и зголемувањето на интересот за образование од техничките науки“, вели д-р Наохиро Китано, директор на Јапонска агенција за меѓународна соработка.

„Наша задача во лабораторијата е да донесеме модерен пристап во практикувањето на глобалниот развој, со цел да се постигнат нашите цели на подобар, побрз, поевтин и одржлив начин. Овој вид на развој го нарекуваме развој на 21-от век. Тој значи да се биде поотворен, поагилен, поинформативен и поодржлив“, вели Ен Меи Ченг, главен офицер за иновации во Американска агенција за меѓународен развој.

Градовите во светот што тежнеат да станат паметни градови треба да користат технологии за одржливо функционирање и подобрување на животот во градските подрачја каде се очекува енормно зголемување на населението во иднина. Паметните градови се дел од четвртата индустриска револуција што ќе го измени начинот на коишто живееме, работиме и комуницираме користејќи најнови технологии. 

Европската Комисија преку програмата „Хоризонт 2020“ обезбеди фонд од 70 милиони евра за финансирање на проекти за развој на екосистеми.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ