Европа сѐ уште се бори со поплавите

06.06.2016 12:34

Метеоролозите предвидуваат ново невреме во источниот дел на Франција, која е погодена од најобилни поплави во последните три децении, што доведе и до излевање на Сена...

Најмалку 18 лица загинаа во поплавите што ги погодија Германија, Франција, Белгија и Романија. Метеоролозите предвидуваат ново невреме во источниот дел на Франција, која е погодена од најобилни поплави во последните три децении, што доведе и до излевање на Сена.  Премиерот на Франција Мануел Валс, најави дека државата ќе деблокира фондови „за крајна итност во износ од неколку милиони евра“ наменети за поплавените, особено за оние кои се без приходи и кои загубиле многу во поплавите.

Фондот ќе биде деблокиран без да се чека на оштетата која треба да ја исплатат осигурителните компании, чии директори беа повикани на разговор во седиштето на владата за да се организира обесшететувањето на настраданите. Според првите проценки, штетите од поплавите изнесуваат околу една милијарда евра, но можат и да бидат поголеми. 

Во Германија поради најавеното невреме е откажан третиот и последен ден од популарниот фестивал на рок музика „Рок Ам Ринг“, откако во саботата од удар на гром беа погодени 80 луѓе.

Во поплавите предизвикани од силно невреме што го зафати источниот брег во Австралија пак загинаа најмалку три лица. Поради брановите што достигаат височина и до 12 метри се евакуирани стотици жители кои живеат на крајбрежните делови.
Според западните медиуми, повеќе од 85.000 домови и деловни објекти останале без електрична енергија. Спасувачките тимови обезбедија помош за околу 300 жители од погодените области во Нов Јужен Велс, извести Државната агенција за вонредни состојби. 

 

Марина Автовска