Најновите предизвици во платниот промет во фокус на Меѓународната конференција во Охрид

06.06.2016 13:58

Изнаоѓањето соодветни одговори на најновите предизвици во платниот промет што произлегуваат од технолошкиот развој, иновациите, измените во легислативата, како и борбата со најновите форми на криминал се централните теми на 9-тата Меѓународна конференција за платни системи што се одржува во Охрид...

Зајакнувањето на капацитетите на централните банки, изнаоѓањето на одговори на најновите предизвици во сферата на плаќањата кои произлегуваат од технолошкиот развој и промените во регулативата се главните теми на конференцијата што се одржува во Охрид. Особено внимание е посветено на регулативата за справување со криминалните активности, поради кои европските централни банки постојано спроведуваат измени во легислативата за да бидат во чекор со злоупотребите.

„Ние ги следиме случувањата на полето на безбедноста на плаќањето, сме инволвирани во оваа сфера во смисла на најновите форми на измами што се појавуваат, а истовремено водиме сметка за развој на регулативата во таа сфера“, вели Руи Пиментел - Централна банка на Португалија.

„Ова е трка помеѓу добрите и лошите играчи на пазарот. Ние ја помагаме централната банка да ги развие тие технички инструменти кои што ќе го заштитат пристапот до сметките од кои што се вршат плаќањата, но како што реков ова е долг процес“, изјави Мајкл ван Дуверен - Централна банка на Холандија.

Македонските финансиски институции ги следат препораките на ЕУ за уредување на платниот промет преку соодветена легислатива, меѓу кои е и имплементацијата на законот за платежни услуги.

„Со новиот закон очекуваме дека ќе се подобри конкуренцијата во областа на обезбедување на платни услуги, ќе се обезбеди и намалување, веројатно конкуренцијата ќе донесе намалување на цените за корисниците на платежните услуги, исто така дел од законот покрива аспекти како заштита на правата на корисниците на платежни услуги, со цел да добијат навремени и квалитетни информации“, изјави Маја Кадиевска-Војновиќ,  вицегувернер на НБРМ.

Вицегувернерката Војновиќ посочи дека иако во Македонија нема законски акт за заштита на електронското плаќање, банките имаат строги процедури и начини за регулација, што резултира со двоцифрена стапка на раст на електронско плаќање во земјата.

 

Сашо Нелоски