Нов повик за практикантство: Финансиска поддршка за 500 млади лица

06.06.2016 14:47

Објавен е новиот повик за практиканство. Надлежните очекуваат да се опфатат околу 500 млади невработени луѓе, кои би се стекнале со работно искуство. Мерката се спроведува со пари од Европската унија, досега преку неа на практика биле околу 2.500 млади...

Младите до 29 години со завршено средно и високо образование да се стекнат со своето прво работно искуство, приватните компании под поволни услови да ангажираат работна сила за обука. Ова е главната цел на мерката за практиканство. Јавниот повик е објавен, во план е да се опфатат 500 луѓе. Дел се очекува да добијат трајно вработување.

„Ова е можност преку тримесечна практична работа која е платена од страна на АВРМ да створат работно искуство и дел од нив се надеваме дека по трите месеци ќе добијат и понуда за вработување кај истите работодавачи каде ќе бидат на обука или пак други кои се занимаваат со слична или иста сродна дејност“, изјави директорот на АВРМ, Влатко Поповски.

За неколку години преку оваа мерка, со практично искуство се стекнале над 2.500 млади лица, од кои 1.590 веќе се во работен однос – информираат надлежните.

„За годинава се обезбедени 9 милиони и 450 илјади денари, за вкупно финансирање практиканство за 500 млади лица. Ги поттикнувам сите приватни компании да ја искористат оваа можност да аплицираат на огласот кој денес се објавува, како и сите млади лица“, рече министерот за труд и социјала, Диме Спасов.

Мерката во најголем дел ја користат компаниите од финансискиот сектор. Огласот за практиканство, што се реализира со пари од ипа фондовите на европската унија, ќе трае во наредните 20 дена.

 

Александра Перевска