Неоснован е предлогот за импичмент на Иванов
Предлогот за импичмент на претседателот Иванов е неоснован- заклучи Собраниската комисија. За ваквиот заклучок гласаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, против беа СДСМ и ДУИ. За ВМРО-ДПМНЕ, барањето за импичмент на претседателот е неосновано, Социјадемократите сметаат дека Иванов ги прекршил Уставот и законите, ДУИ дека одлуката за помилување била донесена во сомнителна постапка. Иницијативата на пленарна седница е на 13-ти јуни...

Со шест гласови „за“ и четири „против“, собраниската комисија оцени дека е неоснован предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот, Ѓорге Иванов.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, шефот на државата ги извршувал своите должности во согласност со Уставот и законите. „Предлогот на опозицијата е целосно неиздржан и не се темели на правни аргументи. Ова е уште еден неуспешен обид на СДСМ да се атакува по највисоката институција во државата за да се зголеми безредието и хаосот“, велат пратеницте од мнозинството.
„Задача на Комисијата беше да ја оцени оправданоста и основаноста, а не да суди дали е некој крив или да оценува дали е некој во право или не“, изјави Зоран Илиовски, ВМРО-ДПМНЕ.
Социјалдемокартите остануваат на ставот дека иницијативата за одговорност на Иванов е основана бидејќи со одлуката за аболиција тој ги прекршил Уставот и законот за помилување. Велат дека на собраниска седница ќе ги изложат политичките и правните аргументи за одговорноста на шефот на државата и за негово отповикување од функцијата.
„Работата на оваа комисија е класичен пример како едно незаконско работење води кон друго незаконско работење“, нагласи Рената Десковска, СДСМ.
Иницијативата за импичмент, на пленарна собраниска седница ќе се најде на 13-ти јуни. Парламентот може да поведе постапка за утврдување на одговорност на шефот на државата само ако одлуката добие виза од 82 пратеника.
Игор Панов
