Потребна е меѓународна соработка за сузбивање на компјутерскиот криминал
Комјутерскиот криминал зема замав, се користат најнови технологии за извршување финансиски кражби. Потребна е меѓународна соработка за негово сузбивање. Актуелната соработка е несоодветна, велат од американскиот Оддел за правда...

Компјутерскиот криминал ќе биде најраспространетиот меѓународен криминал во иднина. Криминалците ги користат најновите технологии за извршување на финансиски грабежи, кражба на лични податоци, тероризам, детска порнографија и ширење на омраза. Актуелната соработка меѓу полициските служби во светот не е соодветна за ефикасно истражување на криминалот преку интернет, оценуваат американски и европски експерти на симпозиумот за компјутерски криминал во Вашингтон.
„Многу соработуваме со меѓународните партнери на сите видови операции. На пример соработуваме со држави како Колумбија, Хрватска, Латвија, Нигерија, Србија, со кои не сме традиционално соработувеле, но со нив работиме на компјутерски криминал, како и со нашите традиционални партнери од ЕУ и други места.Соработуваме на истраги, но на средства за собирање на докази за нашите меѓународни партнери“, изјави Лесли Калдвел, заменик државен обвинител за криминал во Департментот за правда.
Извршителите на компјутерски криминал користат шифрирање, што ја отежнува работата на полицијата бидејќи приватните компании за интернет одбиваат да ги споделат информациите на нивните клиенти. Затоа е потребно воспоставување на рамнотежа помеѓу приватноста и безбедноста.
„Највисокиот суд во Европа имплицитно побара странските приватни компании да направат рамнотежа при заштитата на приватноста и достапноста кон информациите“, вели Бертранд Де Ла Шапел, директор на „Интернет и надлежност“.
„Постои јасна врска меѓу слободата на изразувањето, отвореноста, чување информации и иновациите , особено иновациите што доведоа до создавање и развој на интернетот и активностите онлајн“, вели Том Дјукс, заменик координатор за компјутерски прашања во Стејт Департмент.
Државите имаат закони што честопати не дозволуваат размена на податоци и соработка за сузбивање на компјутерскиот криминал. Конвенцијата од Будимпешта е првиот меѓународен договор за криминал извршен преку интернет потпишан од над 50 држави земји членки на Советот на Европа, САД, Канада и други.
Компјутерскиот криминал не познава граници, затоа за негово сузбивање потребна е соработка на меѓународната заедница.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
