Бомбашки напад во Истанбул, најмалку 11 жртви
Гувернерот на Истанбул Васип Сахин соопшти дека во нападот загинале и четворица цивили, а меѓу повредените три лица се во критична здравствена состојба. Медиумите јавија дека цел на нападот бил автобус кој превезувал полицајци.

Наjмалку 11 лица загинаа, меѓу кои седум полицајци, а 36-мина се повредени во бомбашки напад на полициско возило во центарот на Истанбул. Гувернерот на Истанбул Васип Сахин соопшти дека во нападот загинале и четворица цивили, а меѓу повредените три лица се во критична здравствена состојба. Медиумите јавија дека цел на нападот бил автобус кој превезувал полицајци.
„Денеска околу 8 часот и 40 минути експлодира автомобил бомба чија цел било возило што превезувало полицајци во областа Везнечилер. Загинаа седум полицајци и четворица наши граѓани. Нека почиваат во мир. Сите повредени се хоспитализирани“, изјави Васип Сахин, гувернер на Истанбул.
Нападот се случил во централната област во градот, во утринските часови за време на најголемиот метеж и тоа во близина на историскиот кварт на градот. Бомбата експлодирала во автомобил кој се наоѓал непосредно до автобусот кој се превртел од јачината на детонацијата. Оштетени се и други автомобили и зградите во близина.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавусоглу го осуди нападот кој се случува на вториот ден од Рамазан, инаку свет месец во муслиманскиот свет. Засега никој не ја презел одговорноста за нападот, иако Ројтерс потсетува дека неодамнешните напади во Турција ги извеле припадници на Исламска држава, курдски екстремисти и припадници на радикалната левица.
Скоро два милиона странци ја посетиле Турција во април, што е помалку споредено со истиот месец лани, поради нападите што ја тресат земјата.
Марина Автовска
