ЕК: Политичките лидери да се вратат на преговарачка маса
Европската Комисија задоволна од одлуката на Иванов за укинување на сите аболиции. Брисел бара политичарите да се вратат на преговарачка маса, бидејќи Унијата смета дека одговорноста е во нивни раце...

Европската Комисија го поздрави потегот на претседателот Иванов за целосно повлекување на одлуките за помилување. Портпаролката Коцијанчич уште еднаш ја повтори пораката на еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан и апелот дека сега е време политичките лидери да седнат на заедничка маса и да го имплементираат договорот од Пржино, со цел организирање фер и кредибилни избори.
„Комесарот експлицитно ја поздрави одлуката да се повлечат сите помилувања. Очигледно е дека ова е чекор кој овозможува правдата повторно да се врати на својот курс, а Специјалното обвинителство да ја продолжи работата. Но, очигледно е дека многу време е изгубено, и сега повеќе од кога било е потребно итно политичките лидери да седнат на маса и да го имплементираат договорот од Пржино со инклузивен принцип, а особено со брза и кредибилни акција да се спроведат итните реформски приоритети, за земјата да тргне во вистинска насока кон владеење на правото и кон Евро-атланскиот пат“, изјави портпаролката Маја Коцијанчич.
Инаку на вчерашниот состанок на комитетот за надворешни работи во Стразбур, Хан истакна дека состојбата во Република Македонија се уште е неприфатлива, но дека европската комисија ќе продолжи да посредува во напорите за излез од политичката криза во нашата држава.
На денешната прес- конференција Коцијанчич не прецизираше кога може да се очекува нова средба меѓу комесарот Хан и лидерската четворка- потписници на Пржинскиот договор.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
