ЕК најави „мигрантско партнерство“ за справување со бегалската криза

07.06.2016 15:43

Европската Комисија најави „мигрантско партнерство“ со африкански земји во справувањето со бегалската криза. Унгарија не сака да ги прифати одбиените баратели на азил, а турција ѝ постави услов на Унијата: решете ја визната либерализација за турските државјани, па ќе го спроведеме договорот...

По договорот со Турција, Европската комисија ќе претстави нов план за решавање на бегалската криза кој предвидува т.н. „мигрантско партнерство“ со 9 африкански земји. Критериумите за секоја земја одделно ќе бидат различни за да се намали бегалскиот бран во Европа и да се зајакне борбата против криумчарење луѓе.  До 2020 година, ЕУ ќе одвои 8 милијарди евра, но сумата може да се зголеми доколку се приклучат приватните и јавните инвеститори. Европскиот комесар за миграција и внатрешни прашања Димитрис Аврамопулос изјави дека земјите што нема да соработуваат ќе се соочат со последици.

Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Турција Мевлут Чавушоглу се закани  дека ќе се суспендира спогодбата со ЕУ доколку нема договор за визната либерализација за турските државјани. Договорот од 19 мај предвидува можност за принудно враќање во Турција на лица со нелегален престој во некоја членка на ЕУ.

И Унгарија со цврст став во однос на бегалската криза. Портпаролот на владата Золтан Ковач соопшти дека Унгарија нема да ги прифати барателите на азил врз основа на Даблинскиот договор. Золтан ја обвини Австрија дека со конвои префрлала бегалци на унгарска територија, а критики упати и кон Германија поради најавата дека ќе ги прифати сите мигранти, што според него, значи отворена покана да продолжат да доаѓаат.

Според „Даблински правила“, секоја земја треба да си го регулира проблемот со азиланти без да е на товар на другите членки.