Акција „Еразмус“: Професори од Економски продавале шестка за 500 до 1.000 евра
Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков со детали за акцијата „Еразмус“ која се спроведе на Економскиот факултет. За шестка, кај осомничени професори, се плаќало и до 1.000 евра. Полицијата соопшти дека еден од нив е фатен на дело додека земал поткуп...

Од 500 до 1.000 евра плаќале студенти за да добијат шестка на Економскиот факултет. Не морале да исполнат услов за да полагаат, ниту да го пријават испитот. Доволно било да го искешираат посредникот, за да добијат преодна оценка. МВР разби шема на корупција која, како што велат, последниве две години функционирала на Економски. Во неа биле вклучени шестмина професори, еден демонстратор и газдата на бифето во факултетскиот кампус.
„Шемата била разработена така што сопственикот на бифето поткупот во вид на парични средства го земал директно од студентите, а потоа го предавал на асистентот, за истиот да ги даде на професорите со цел тие во индексите на студентите да пишат преодна оценка 6 за предметите кои ги предаваат, и покрај тоа што истите не го поседуваат потребното знаење за положување на испитот“, изјави на денешната прес-конференција министерот за внатрешни, Митко Чавков.
Засега нема точна информација колку пари зеле професорите продавајќи ја својата шестка. Еден од нив е фатен на дело додека земал 1.000 евра поткуп. За останатите осомничени, велат од МВР, докази се обезбедени со тајно снимање, претрес на домовите и канцелариите. Полицијата запленила студентски индекси, пријави за испити и банкноти во евра.
Од Обвинителството велат дека освен пари, некои професори барале и сексуални услуги од студентки за да го положат испитот. Петмина биле приведени во полициска станица пред да бидат изведени пред судија на претходна постапка откако за нив обвинителството побарало мерки за обезбедување присуство. За тројца обвинителството оценило дека е доволно со покана да ги повикаат кај нив на информативен разговор.
Анита Димитријевска
