Заев: Два услова за излез од политичката криза
СДСМ со два предлога за излез од кризата – Уставен да го потврди Законот за специјалното обвинителство, приведените кои протестираа да бидат ослободени. Бараат овој план треба да се исполни до 18-ти јуни. Од ВМРО-ДПМНЕ велат - СДСМ бега од избори и од соочување со народот...

До 18-ти јуни Уставниот суд да ја потврди уставноста на Законот за Специјалното јавно обвинителство и сите приведени граѓани кои протестираат да бидат ослободени, побара лидерот на СДСМ, Заев. Како што рече, само ако се исполнат овие два услова, договорот од Пржино може да преживее. Со исполнувањето на двата предуслова на СДСМ,целосното повлекување на аболицијата и одложувањето на изборите на 5 јуни, според Заев, се отвора простор за надминување на кризата и продолжување на меѓупартиските преговори за формирање влада која ќе создаде услови за фер,демократски и кредибилни избори.
„За нас, ако постои можност за експертска влада е прифатливо, ако постои можност за влада на национален спас, реформска влада, техничката влада да се врати, се што ќе ги исполни тие цели е отворено за разговор и немаме апсолутно никакви предрасуди или какви било скриени намери. Единствено целта е условите за изборите мора да се исполнат со организација на влада со таа намена, а секако да продолжи и во делот на кампањата и денот на изборите“, рече Заев.
СДСМ останува единствената опозиција која бега од избори и бегството го прославува како победа. Очигледен е стравот на Заев од соочување со граѓаните, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ. Заев е свесен дека деструктивната политика наидува на се поголема осуда од граѓаните, рече Попоски. Се продолжува со функционирање според како што истакна Попоски, деструктивното мото колку полошо за државата и за народот, токку подобро за партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ сака јасно да порача дека избори се прифатливи во секој термин, но нема да дозволиме државата и граѓаните повторно да бидат заложници на ново лицитирање со термини, како што тоа беше случај со 24 април и со 5 јуни. За ВМРО ДПМНЕ е прифатливо СДСМ да биде повторно дел од Владата, во насока на подготовка на фер, слободни и демократски избори“, изјави Никола Попоски.
Меѓу гаранциите што ќе треба да ги понуди СДСМ е потврдата дека избирачкиот список е пречистен и дека во периодот кој следува посветено ќе работат на подигање на довербата во него, додаде Попоски. Во однос на протестите од владејачката партија сметаат дека секој има право да го изнесе својот став на мирен и демократски начин, но законите треба да важат подеднакво за сите, вклучувајќи ги и оние што оштетуваат одбележја, палат или вандализираат институции, нанесувајќи огромна материјална штета, изјави Попоски.
Милчо Велески
