Брегзит: Се вжештува битката за Британија

08.06.2016 10:35

Се вжештува битката за Британија. Овој пат за нејзината иднина во или надвор од Европската унија. Наспроти првичните проценки пред референдумот на 23-ти јуни кои покажуваа тесна разлика во корист на интегративците, сега последните анкети посочуваат на изедначеност. На британската АЈ-ТИ-ВИ вчера ставовите ги соочуваа премиерот Камерон и лидерот на Независната партија на кралството, Фериџ...

Британскиот премиер Дејвид Камерон и лидерот на Независната партија на Обединетото Кралство (УКИП) Најџел Фериџ дебатираа за иднината на Британија во врска со членството во Европската Унија. Во телевизиска дебата во која и публиката им поставуваше прашања, двајцата ги образложија ставовите околу Брегзит, односно излегувањето на Британија од ЕУ. Камерон го откри датумот за референдумот на 23 јуни уште во февруари. Според него, Британија треба да остане во Унијата за разлика од неговиот противник во однос на Брегзит. 

Запрашан зошто сега тврди дека ќе пропаднат економски доколку излезат од Унијата ако пред 6 месеци ги убедувал дека ќе преживеат по таков чекор, Камерон одговори:

„Прашањето е како да живееме најдобро, да создаваме можности за вработување на децата и внуците. Оваа дебата е за тоа. За мене е многу посебен исклучителниот консензус. Девет од десет економисти, гувернерот на Банката на Англија, ММФ, сите велат дека економијата ќе претрпи удар“, изјави премиерот Дејвид Камерон.

Камерон смета дека е неправилно доселениците да ги користат придобивките на пазарот на трудот. Тој бара да им се даде таква шанса само ако работат најмалку 6 месеци. Нагласи дека задача на неговиот народ е да се избори за подобра Британија во рамките на ЕУ, а не да се усвои предлогот на Фериџ кој почна кампања уште поред 20 години за напуштање на европското семејство.

Го коментираше предупредувањето на претседателот на ЕК Јункер дека дезертерите од Унијата нема да бидат пречекани со раширени раце.

„Никој нема да се задева со нас. А уште помалку неизбраниот, шармантниот Жан Клод Јункер“, вели лидерот на УКИП, Најџел Фериџ.

Одговараше и на пршања во врска со расизмот и миргантската криза. Голем дел од населението во Британија е загрижено поради острите коментари на Фериџ за доселениците во Обединетото Кралство.

„Постои обид да се демонизира мојата кампања, но јас имам голема поддршка. Отворените граници се штетни за сите наши заедници. Сега имаме шанса да се справиме со проблемот“, додава Фериџ. 

Британија стана дел од европското семејство во 1973 година. Граѓаните кои се за излез сметаат дека унијата има преголемо влијание во однос на Британија. Оние што се за продолжување на членството тврдат дека земјата треба да биде заедно со истомисленички држави за да има моќ во светот.