Хајндл повторно во Скопје на средби со политичките лидери
Германскиот специјален пратеник, Јоханес Хајндл повторно е во Скопје. На неговата агенда се состаноци со претставници на државниот врв и со лидерите на четирите најголеми политички партии. На средбата со претседателот Иванов било заклучено дека по повлекување на аболицијата создадени се можности за фокусирање кон обврските од Пржино...

„Нема повеќе место за алиби, изговори и избегнување на обврските од договорот од Пржино. Политичките чинители треба да покажат конструктивност, одговорност и висока свест за интересите на граѓаните и на државата“, рекол македонскиот претседател Ѓорге Иванов на средбата со германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл. Амбасадорот задоволен од целосното повлекување на аболицијата, по што тој и претседателот Иванов заклучиле дека веќе е отворена можноста за фокусирање кон обврските од Пржино и за надминување на политичката криза, пишува во соопштението од претседателскиот кабинет.
Специјалниот германски пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл трет пат за еден месец во Скопје. Тој со државниот врв и со лидерите на 4-те партии ќе разговара за излез од политичката криза. За време на неговата последна посета тој посета кусо рече дека политичките лидери треба да преземат одговорност и да ги стават интересите на државата пред партиските. Според него, договорот од Пржино и натаму е добра основа за изнаоѓање решение за кризата во Македонија. Земјата, посочи Хајндл сама ќе мора да го изоди патот за излез од кризата, иако Германија и Европската унија сакаат да помогнат во тоа.
Инаку комисијата за надворешна политика на германскиот парламент на својата редовна сесија закажана за утре ќе распарава за актуелните состојби во Македонија. Вообичаено, комисијата расправа откако претставници на Министерството за надворешни работи ќе презентираат информации за состојбите. Последен пат за Македонија во Бундестагот се расправаше лани во март.
Какви се ставовите на германскиот дипломат по последните разговори со македонските политичари ќе биде познато веќе изутрина.
Миле Ристески
