Хајндл: Неопходно е да се спроведе договорот од Пржино
За надминување на кризата е потребно реафирмирање и ревитализација на договорот- порача по дводневната посета специјалниот германски пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл...

Кризата продолжува и ѝ нанесува штета на земјата, а времето изминува, затоа е неопходно спроведување на договорот од Пржино, како обврзувачка рамка на реформскиот процес- порача по дводневната посета специјалниот германски пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл. За надминување на кризата е потребно реафирмирање и ревитализација на договорот, оцени германскиот дипломат.
„Добрата вест е што има начин и пат за излез од оваа криза, а тоа е договорот од Пржино. Неговите правила и принципи го трасираат патот и курсот кон демократија, стабилност и евроатлантска интеграција. Лошата вест, пак, е што овој процес беше одолговлекуван. Кризата продолжува да ја осакатува земјата и искрено, мислам дека времето истекува. Затоа, мојата порака е дека има потреба повторно да се потврди и да се ревитализира договорот од Пржино, повторно да се потврди како валидна и обврзувачка правна рамка за претстојниот реформски процес“, вели Хајндл.
По укинувањето на сите одлуки за аболиција, Хајндл ги посочи следните чекори кои треба да се преземат во земјава.
„Прво, партиите мора да се согласат за датумот за изборите и треба да направат сѐ што е неопходно за да се исполнат условите за слободни и фер избори. Второ, специјалниот обвинител мора да биде во можност слободно да го исполнува својот мандат, без никакви опструкции. Трето, партиите треба да се согласат и тоа без никакво одложување за спроведување на итните реформски приоритети и да се осврнат на недостатоците кои беа посочени во извештајот на Прибе. Ова може да се постигне и може да се направи“, нагласува Хајндл.
Миле Ристески
