Обвинителство за акцијата „Еразмус“: Не е нарушена автономијата на универзитетот

08.06.2016 13:00

Не е нарушена автономијата на универзитетот. Истрагата на МВР, по налог на Обвинителството за организиран криминал траела две години, велат во Обвинителството за акцијата „Еразмус“ на скопскиот Економски факултет.

Предистражната постапка за коруптивните дејствија на Економскиот факултет траела две години, но полициската акција следеше откако Обвинителството за организиран криминал, кое го води случајот, добило сигурна дојава дека ќе се случи примопредавање на поткуп. При операцијата, поранешениот декан на Економскиот факултет, бил фатен како прима поткуп од студент во износ од 1.000 евра.

Во обвинителството велат дека осомничени се уште седум лица од кои пет универзитетски професори, еден демонстратор и управител на бифе. Освен примање поткуп од 2.800 евра за што се обезбедени докази, за двајца професори постојат сомненија дека барале сексуални услуги за да се полоши испитот, појаснуваат од обвинителството.

„Не станува збор за никавов упад на полицијата за да се загрози автономијата на унивезрзитетот , туку за успешна и ефективна акција со која треба да се гордее јавноста, зашто во акцијата бил уапсен сторител на кривично дело во просториите на факултетот, а за другите доказите биле обезбедени со посебни истражни мерки кои биле преземени во 2015-та и во текот на оваа година“, вели Лидија Раичевиќ, јавен обвинител.

За петмина од професорите е изречена мерка за претпазливост. Одземени им се пасошите и треба редовно да се јавуваат во судот. Тројца пак ќе треба да се јават на распит кај судијата во претходна постапка.

Надлежниот јавен обвинител ги примил кривичните пријави, и по комплетирање на доказите ќе донесе мериторна одлука.    

 

Игор Панов