Акција „Еразмус“: Нема притвор за ниту еден осомничен

08.06.2016 15:49

За петмина од професорите е изречена мерка за претпазливост. Одземени им се пасошите и треба редовно да се јавуваат во судот. На тројца им е доставена покана за распит кај судијата во претходна постапка. Овие информации ги соопшти Основното јавно обвинителство за организиран криминал.

Нема притвор за ниту еден во осомничените во акцијата „Еразмус“ на Економскиот факултет. За петмина од професорите е изречена мерка за претпазливост. Одземени им се пасошите и треба редовно да се јавуваат во судот. На тројца им е доставена покана за распит кај судијата во претходна постапка. Овие информации ги соопшти Основното јавно обвинителство за организиран криминал. Надлежниот јавен обвинител  ги примил кривичните пријави и по комплетирање на доказите ќе донесе  мериторна одлука. Велат дека акцијата е изведена професионално. 

„Не станува збор за никавов упад на полицијата за да се загрози автономијата на унивезрзитетот, туку за успешно и еефективна акција со која треба да се гордее јавноста, зашто во акцијата бил уапсен сторител на кривично дело во просториите на факултетот, а за другите доказите биле обезбедени со посебни истражни мерки кои биле преземени во 2015 и во текот на оваа година“, вели Лидија Раичевиќ, јавен обвинител.

Обвинителството соопшти дека при операцијата, поранешен декан на Економскиот факултет, бил фатен како прима поткуп од студент во износ од 1.000 евра. Досега се обезбедени докази кои укажуваат за примен поткуп од вкупно 2.800 евра.

Од Обвинителството велат дека за двајца професори постојат сомненија дека барале сексуални услуги за да се положи испитот. Предистражната постапка за коруптивните дејствија на Економскиот факултет траела две години, а полициската акција следувала откако Обвинителството за организиран криминал, кое го води случајот, добило сигурна дојава дека ќе се случи примопредавање на поткуп.

 

Игор Панов