Светска банка: Раст на македонската економија од 3,7% годинава
Светската банка предвидува раст на македонскиот БДП од 3,7 проценти за годинава. Проекциите се за 0,3 проценти повисоки од јануарските. Банкарите од Вашингтон ја намалија прогнозата за пораст на светската економија. Потегот се должи на слабиот раст во развиените економии, ниските цени на суровините, слабата глобална трговија, но и намалувањето на капиталните текови - стои во извештајот...

Светска банка ги објави најновите прогнози. Банкарите од Вашингтон очекуваат Македонија годинава да оствари економски раст од 3,7 проценти, во 2017-та и во 2018-та од 4 проценти.
Во однос на јануарската проекција, прогнозата за нашата земја е подобрена за 0,3 насто. Светска банка нотира дека во 2015-та Македонија завршила со раст од 3,7% што е меѓу повисоките во регионот. Во анализата се наведува дека Ерменија, Косово и Македонија испорачале раст од над 3 проценти и се земји кои имаат блиски економски врски со Европската унија. За разлика од нив Белорусија и Молдавија кои се поврзани со руската и украинската економија влегоа во рецесија во 2015-та година- стои во извештајот „Глобални економски изгледи“.
Просечниот раст за Западен Балкан за годинава се проценува на 2,7 проценти, 3,1 насто е за в година и 3,7 насто за 2018-та. Светска банка ја намали прогнозата за пораст на Светската економија за годинава од 2,9 на 2,4 проценти. Ваквиот потег следува поради забавениот раст во развиените економии во однос на очекувањата од јануари, ниските цени на производите, особено на нафтата, слабите глобална трговија и проток на капитал.
Банката соопшти дека е зголемена и политичката нестабилност, а има загриженост и дали преземените монетарни политики во развиените земји ќе дадат резултат. Светска банка забележува дека и после 7 години од глобалната финансиска криза, светската економија се уште се бори да фати залет.
Сунчица Николоска
