Хилари Клинтон ја обезбеди претседателската номинација
Демократот Хилари Клинтон е победник на последните прелиминарни избори во Соединетите Американски Држави. Со оваа победа ја обезбеди номинацијата за претседателски кандидат на Демократската партија над нејзиниот противкандидат Берни Сендерс. Републиканскиот кандидат Доналд Трамп ги повика поддржувачите на Берни Сендерс да му се придружат во изборната трка за Белата куќа.

Хилари Клинтон е првата жена во американската историја која ќе стане претседателски кандидат на една од двете најголеми политички партии во Соединетите Американски Држави. „Ова не е вообичаена борба меѓу Демократите и Републиканците, туку борба за американските вредности и ставот дека сме побезбедни со сојузниците“, изјави Клинтон по победата на последните прелиминарни избори.
„Како што гледаме напред кон борбата што не очекува, да се сетиме на сето она што не обединува. Сите сакаме економија со повеќе можности и помалку нееднаквости, каде Вол Стрит нема да доминира повторно. Сите сакаме влада која ги слуша луѓето, а не брокерите, што значи вадење на сомнителните пари од политиката. И сите сакаме општество што е толерантно, инклузивно и фер. Сите веруваме дека Америка успева кога повеќе луѓе ќе го делат нашиот просперитет, ќе имаат глас во нашиот политички систем и придонесуваат за заедниците. Веруваме дека соработката е подобра од конфликтот, единството е подобро од поделбата, и мостовите се подобри од ѕидовите“, наглади Клинтон.
И претседателскиот кандидат на Републиканците Доналд Трамп се согласува дека ова не е само борба меѓу Демократската и Републиканската партија туку битка за вистински промени што се можни. Изборот е меѓу специјалните интереси на група луѓе и американските граѓани. Трамп се заложи дека ќе биде шампион на обичните работни Американци.
„На сите гласачи на Берни Сендерс, коишто се оставени надвор поради расипаниот систем на суперделегати, Ви посакуваме добредојде со отворени раце“, изјави репбликанскиот кандидат Доналд Трамп.
Во наредните денови, двајцата претседателски кандидати ќе работат на платформите што ќе ги претстават на конвенциите на крајот од јули. Трамп најави прес конференција за бизнисите на Клинтонови наредната недела. Хилари Клинтон најверојатно ќе вклучи дел од идеите на Берни Сендерс во својата политичка платформа. Засега Трамп и Клинтон имаат речиси изедначена поддршка од гласачите.
Засега е познато дека претседателските кандидати ќе бидат Доналд Трамп и Хилари Клинтон, а на конвенциите на крајот од јули ќе бидат познати и кандидатите за нивни потпретседатели.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
