Експерти: Македонија заслужува членство во НАТО
Македонија заслужува членство во НАТО – оценка на американските експерти на конференцијата на Американскиот совет за проширување на алијансата. Дебата пред престојниот Самит во Варшава, по одлуката за прием на Црна Гора...

НАТО испраќа слаби сигнали за проширувањето до земјите кандидати и тоа на престојниот самит на Алијансата во Варшава мора да се поправи. Македонија треба да добие покана, а останатите земји аспиранти акционен план за членство, оценија учесниците на конференцијата во американскиот Атлантски Совет за иднината на проширувањето на Алијансата во Европа.
„Атлантскиот Совет на САД упати покана до мене да учествувам на оваа значајна конференција пред самитот на НАТО. Конференција за проширувањето на НАТО, на која претставници на администрацијата и невладината заедница разговараа за потребата од натамошно проширување на НАТО по поканата на Црна Гора за членство во НАТО. Посетата во Вашингтон ја искористив за средби со претставници од Пентагон, Стејт Департментот, Сенатот и Конгресот на САД. На овие средби разговаравме за аспирацијата на Република Македонија да добие покана за членство во НАТО на овој самит во Варшава. Иако како што знаете прашањето околу името е главна пречка за покана за Република Македонија, меѓутоа на некој начин охрабруваат ставовите на нашите пријатели во Вашингтон дека Република Македонија заслужува да добие покана за членство во НАТО и на оваа конференција беше истакнато дека би било добро на самитот во Варшава Република Македонија да добие покана“, изјави министерот за одбрана, Зоран Јолевски.
„Имаме ситуација од различни причини, би рекла на прво место политички причини, во времето кога Македонија не доби покана ги имаше целосно исполнето сите критериуми, а не доби покана само поради политичка причина“, вели Милица Пејановиќ Ѓуришиќ, министер за одбрана на Црна Гора.
НАТО направи грешка што не и упати покана на Македонија на самитот во Букурешт пред 8 години, поради што придонесе до дестабилизација, оценуваат американски експерти за евроатлански интеграции.
„За Македонија, Алијансата донесе одлука да ја покани условено со прашањето за името, и сега сме заглавени. И како последица сега е полошо од 2008-та, има голем јаз меѓу власта и опозицијата, разнишани институции и меѓуетнички консензус“, смета Дејмон Вилсон, потпретседател на американскиот Атлантски Совет.
„Она што треба да го туркаме на самитот во Варшава е да не даваме слаби сигнали особено за Балканот што не помагаат. Самитот во Варшава треба да го прослави приемот на Црна Гора, да испрати покана за Македонија и да продолжи со ангажманот во Косово, Србија и во Босна и Херцеговина“, вели Џејмс О’Браен, потпретседател на „Олбрајт Стоунбриџ груп“.
Американски сенатори, конгресмени, дипломати и воени лица поддржуваат Македонија да стане полноправна членка на НАТО., а американска компанија е заинтересирана за вложување.
„За време на престојот во Вашингтон имав средба со една американска компанија која е заинтересирана да инвестира во наменската индустрија во Република Македонија. Меѓутоа и да го користи Криволак како база кадешто припадниците на американската војска и на другите армии на земјите членки на НАТО, ќе имаат сооодветни вежби пред упатувањето во мисии во Авганистан и другите држави“, изјави министерот Јолевски.
Евроатланската интеграција е добар инструмент за стабилизација и реформи на Западниот Балкан. Затоа НАТО не треба да подлегне на руското влијание за запирање на проширувањето, оценуваат во Вашингтон.
САД поддржуваат проширување на НАТО. Сепак каква ќе биде позицијата по ова прашање многу ќе зависи од тоа кој ќе стане нов американски претседател.
Ирина Гелевска- постојан дописник од Вашингтон за МРТ
