Анкета на „Брима Галуп“: ВМРО-ДПМНЕ со предност пред СДСМ
Доколку гласањето е задолжително со закон, 27,1 насто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ 15,8 проценти. Според анкетата, доколку се издвојат одговорите на Македонците, владејачката партија има двојно поголема предност пред СДСМ.

Втор дел од анкетата на „Брима Галуп“ изготвена на барање на неделникот „Република“. Доколку гласањето е задолжително со закон, 27,1 насто од испитаниците би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ 15,8 проценти. Според анкетата, доколку се издвојат одговорите на Македонците, владејачката партија има двојно поголема предност пред СДСМ.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски ужива двојно поголема довербата кај граѓаните во однос на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. 20,9 насто од испитаниците се изјасниле дека најмногу му веруваат на Груевски, а 10,2 проценти на Заев.
Кај македонските испитаници, 30,8 насто му веруваат на Груевски, а 12,1 на Заев. На прашањето „на чиј збор и ветување повеќе им верувате“, 32,8 проценти се изјасниле дека веруваат во ВМРО-ДПМНЕ, а 15,3 рекле дека повеќе му веруваат на СДСМ. И во однос на прашањето за проблемот со името, ставот на испитаниците е ист, 26,3 проценти сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ подобро би се справила, а 13 насто веруваат дека тоа е СДСМ.
Според анкетата, 62 проценти од граѓаните не би прифатиле промена на името со додавање географска одредница, со цел да влеземе во ЕУ и во НАТО, додека 31,3 проценти би прифатиле промена на името.
Голем е процентот на испитаниците од македонска националност кои не прифаќаат промена на името со додавање географска одредница како услов за влез во ЕУ и НАТО, дури 83,7. Само 11,8 проценти одговориле дека би прифатиле такво нешто.
Анкетата на институтот „Брима Галуп“ е спроведена од 5-ти до 12-ти мај, на 1.006 испитаници.
Милчо Велески
