Израел забрани влез за Палестинци по нападот во Тел Авив
Полицијата ги уапси Палестинците кои ранија и шеснаесетмина во близина на Министерството за одбрана на Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го осуди инцидентот.

Израел ја суспендира дозволата за влез на 83 илјади Палестинци за Рамазан поради нападот во Тел Авив во кој двајца братучеди од Западниот брег убија четворица цивили. Полицијата ги уапси Палестинците кои ранија и шеснаесетмина во близина на Министерството за одбрана на Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху го осуди инцидентот. Осуда стигна и од Обединетите нации, американскиот Стејт департмент и Европскиот парламент.
„Ова го направија терористи кои не го ценат човечкиот живот. Подготвени се да убиваат невини луѓе кои си седат во кафулиња. Поради полицијата и реакцијата на граѓаните избегната е поголема трагедија“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Исламистичката група Хамас го поздрави нападот и предупреди дека допрва почнуваат изненадувањата за Евреите за време на Рамазан. Семејствата на напаѓачите се изненадени од случајот.
„Тешко ја прифатив веста, син ми не е член на политичка партија. Иако има двајца чичковци в затвор со доживотни казни, ние не го очекувавме ова. Тој е млад и е во Јордан веќе 4 години. Овде беше само 5 месеци“, рече Ахмад Махмара, татко на еден од напаѓачите.
Израелската полиција испрати уште два батаљона на Западниот брег, а обезбедувањето е зголемено и во Тел Авив, особено во фреквентните зони. Последниот напад се смета за најкрававиот во серијата инциденти предизвикани од Палестинците.
Напад во прометно место се случи и во САД. Четворица се застрелани на улица во Вашингтон Ди-Си откако вооружен маж отворил оган кон случајни минувачи, а офицер на мотор кој се обидел да го запре бил удрен од автомобил. Сите се хоспитализирани, но напаѓачот се уште не е пронајден.
Четири лица се ранети и во престрелка меѓу сиднејската полиција и вооружен маж во трговски центар во Сиднеј. 23-годишниот напаѓач исчезнал од психијатриска установа и по него трагала локалната полиција откако добиле дојава дека сомнително лице со нож во раката шета на пазарот за органска храна. Сите повредени, вклучувајќи го и напаѓачот се хоспитализирани.
