Илегалната миграција ја поттикнува трговијата со луѓе

09.06.2016 16:24

Илегалната миграција ја поттикнува трговијата со луѓе. Од македонското Министерство за внатрешни работи велат дека тешко оди расветлувањето на случаите кога родители си ги продаваат децата за брак за пари. Се бара начин како да спречи малолетници на илегален начин да завршуваат во западно-европските земји...

Девојки од Албанија, најчесто малолетни, за одредена сума се продаваат како сопруги на жители во Македонија. И не само во земјава. Девојчињата завршуваат и во западноевропските земји, покажуваат полициските истраги. Овој тренд на увезени невести од Албанија за надлежните го отвори прашањето: дали девојките доброволно се венчаваат или се жртви на трговијата со луѓе?

Регистрирани се и случаи кога малолетнички од блискоисточните земји, во Западна Европа склучиле брак за да обезбедат престој, работна виза и да ги остварат условите за државјанство. Оваа појава која трае веќе подолго време придонесе експертите од регионот да се обидат заеднички да го решат проблемот.

На конференцијата на министерствата за внатрешни  е разговарано и за затворената западно-балканска рута, што ги принуди мигрантите да плаќаат илјадници евра на криумчарите за да стигнат до Германија, Шведска или Австрија.

Локалните власти ги заострија казните за организаторите и превезувачите, но и покрај тоа полицијата речиси секојдневно спречува обиди за криумчарење луѓе.

Пред да се затвори рутата, во 2015 година низ Македонија минале 700 илјади мигранти.

 

Анита Димитријевска