Поддржувачите на „Брегзит“ сметаат дека Унијата мора да се реформира
Европската унија наместо економска заедница стана политичка институција – став на подржувачите на референдумот за излез на Обединетото Кралство од Унијата. Велат Унијата мора да се реформира...

Европската Унија наместо економска заедница стана повеќе политичка институција, се сложуваат поддржувачите на референдумот за излез на Обединетото Кралство од ЕУ, но и Британците коишто сакаат да останат дел од Унијата. Лидерот на страната за останување на Британија во Унијата, британскиот конзервативен пратеник Тобиас Елвуд смета дека иако ЕУ е несовршена сепак за Британија е подобро да остане дел од најголемиот економски пазар во светот.
„Кога станува збор за единствениот пазар, пристапот е многу важен, додека излегувањето од тој пазар без разлика на колку долг период, ќе им наштети на британските интереси и на британските компании. Тоа ме загрижува“, изјави Тобиас Елвуд, пратеник во Долниот дом на британскиот парламент од Конзервативната партија.
Лидерот пак на поддржувачите за излез на Британија од Унијата, Борис Џонсон оценува дека Британија треба да си го врати својот суверенитет и да воведе поголема контрола на имиграцијата. Деновиве во британските медиуми се врти спот зошто Британија треба да излезе од ЕУ бидејќи Албанија, Косово, Македонија, Србија и Босна и Херцеговина ќе станат земји членки на Унијата.
„Ова е фундаментална реформа на ЕУ и на британските односи со ЕУ. Мое видување е дека по 30 години пишување за ова, сега имаше шанса нешто да преземеме за ова. Јас имам шанса нешто да направам и би сакал да видам нов однос базиран повеќе на трговија и соработка, а помалку на вештачки елементи“, вели Борис Џонсон, поранешен градоначалник на Лондон и лидер на движењето за излез на Британија од ЕУ.
Повозрасните Британци се за излегување на Обединетото Кралство од ЕУ, а 70 проценти од младите се за останување. Сепак исходот на референдумот на 23-ти јуни е неизвесен бидејќи не е познато колку од младите ќе излезат на гласање. Ако Британија излезе од Унијата, ќе мора повторно да преговара со ЕУ за договорите, а тоа може да предизвика одвојување на Шкотска од Обединетото Кралство и Каталонија од Шпанија.
Претставниците на владеачката конзервативна партија се убедени дека Обединетото Кралство ќе остане во Европската Унија.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
