Започна рализацијата на проектот за вработување на 100 најдобри студенти во јавниот сектор
Изготвен е Предлог- закон со кој се уредува начинот и постапката во која ќе се вработуваат студентите. Ќе се најде во владина процедура веќе во текот на следната недела...

Започна реализација на проектот за вработување во јавниот сектор на 100 најдобри студенти од државните универзитети во земјава. Изготвен е Предлог- закон со кој се уредува начинот и постапката во која ќе се вработуваат студентите. Ќе се најде во владина процедура веќе во текот на следната недела. Предлагач е Министерството за информатичко општество и администрација, а неговата примена ќе започне од 1 август 2017 година.
„Секоја година, во месец август, Владата на Република Македонија ќе објавува оглас за вработување на сто најдобри студенти, на кој ќе можат да се пријават сите заинтересирани кандидати кои во тековната година имаат завршено универзитетски студии и студиски програми кои се реализираат интегрирано низ првиот и вториот циклус на студии. Стоте работни места ќе бидат распределени на петте најдобри јавни универзитети во Република Македонија, според последно објавената официјална ранг-листа на високообразовни установи во Република Македонија“, изјави заменик- министерот за информатичко општество и администрација, Тимчо Муцунски.
При пресметката на бодовите од формалното образование, главен критериум ќе биде просечниот успех со кој кандидатот ги има завршено студиите. Дополнителни бодови ќе носат и освоените меѓународни награди, како и бројот на положени испити на студентот кај професор кој има објавено повеќе од 2 меѓународни трудови во меѓународни списанија од базата на Томсон Ројтерс.
Со цел да се обезбеди застапеност на вработување од сите профили, во постапката за вработување, при распределбата на работните места ќе се води сметка, работните места да бидат распоредени на сите научни подрачја, односно да се вработат најдобрите студенти од различните студиски програми- рече Муцунски.
