Иванов- Земан: Одличните политички односи да се пресликаат и во економијата
Бизнис заедниците од Македонија и Чешка треба да ги искористат пријателските односи помеѓу двете земји и максимално да ја интензивираат соработката. На Македонско- чешкиот бизнис форум, претседателите на Македонија и на Чешката Република, посочија дека не се доволно искористени можностите за чешки инвестиции во Македонија и во областа на туризмот...

Билатералните односи помеѓу Република Македонија и Чешката Република се силни од секој аспект, меѓу двете држави нема отворени прашања. Поради тоа во иднина треба повеќе да се работи на интензивирање на соработката во сите области, особено во економската сфера. Ова во своите обраќања на учесниците на Македонско-чешкиот бизнис форум им го порачаа претседателите на Република Македонија, Ѓорге Иванов и на Чешката Република, Милош Земан.
„Особено значајна за двете држави се смета соработката во енергетскиот сектор, а особено во обновливите ресурси, развојот на малите хидроцентрали, ветерните електрани, сончевата енергија, геотермалните технологии и рударството. Посебен интерес постои и во областа на металната и електро-индустријата, во автомобилската индустрија за поврзување на македонските производители со чешки компании, хемиската индустрија, животната средина, земјоделството, прехрамбената индустрија и туризмот“, изјави претседателот Иванов.
Чешкиот Претседател, Милош Земан посебно се осврна на можностите за соработка во областа на турузмот, при што изрази жалење поради тоа што нема организирани туристички посети од чешки туристи на Македонија.
„Туризмот досега не е добро разработен, па тоа е добра празнина која што може да се пополни. Затоа што Македонија е премногу убава земја, а туризмот на еден начин е индустрија“, рече претседателот на Чешка, Милош Земан.
Туристичките можности на Охрид на форумот ги презентираше охридскиот градоначалник, Никола Бакрачески, при што се осврна на подршката што ја дава владата преку субвенционирање на тур-операторите, а во соработката со чешките партнери секако придонес ќе има историската и културната поврзаност помеѓу двата народи.
„Град кој ги поврзува македонскиот и чешкиот народ преку сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, кои ги исцртаа контурите на поврзаноста на двата народи, кои подоцна се развија во пријателски односи, што придонесе во градењето на силна културолошка, историска, политичка, дипломатска и бизнис соработка“, изјави охридксиот градоначалник, Никола Бакрачески.
Во рамките на официјалната посета на Република Македонија, претседателот на Чешката Република, Милош Земан и неговиот домаќин, претседателот Ѓорге Иванов денеска го разгледаа манастирскиот комплекс „Свети Наум“.
Сашо Нелоски
