Се трага по останатите напаѓачи на полицајците од Тетово

10.06.2016 14:43

36 годишен тетовец е приведен и задржан во станица. Осомничен е дека учествувал во насилството врз четворицата полицајци, кои кога се обидоа да приведат 40 годишник за издржување казна затвор, а беа крвнички натепани. Сѐ уште се трага по напаѓачите. Најтешко повредениот полицаец е опериран, но се уште е во животна опасност...

Сакале да приведат осуден криминалец на издржување затворска казна, но биле нападнати од неговиот татко и другарите. Четворица полицајци го извлекоа подебелиот крај во тепачката која се случи на улица во Тетово. Таткото на 40 годишниот тетовец – осуден на едногодишна робија, со шипка се нафрлил на полицајците, а потоа во тепачката се вклучиле и осуденикот и уште двајца, учесници. За овој инцидент во центарот на градот, полицијата приведе еден осомничен – 36 годишен мештанин кој половина час по полноќ бил приведен на разговор.

Најтешко повредениот полицаец веќе е опериран и се уште е во животна опасност. Останатите тројца, по укажаната медицинска помош се пуштени на домашно лекување. Од местото на настанот се подигнати материјални траги кои се предадени за вештачење, со цел да се утврди идентитетот на напаѓачите.

 

Анита Димитријевска