Напредок на македонско - хрватските односи
Делегација од министерството за одбрана на Република Македонија, предводена од министерот Талат Џафери од денес престојува во дводневна посета на Република Хрватска.
За време на посетата министерот Џафери оствари средба со својот домаќин, министерот за одбрана на Хрватска, Анте Котромановиќ, на која стана збор за одличните односи помеѓу двете земји, на полето на одбраната, со посебен акцент на меѓусебната соработка, која претставува темел за развој на добрососедските односи на регионално ниво.

Министерот Џафери во оваа пригода изрази задоволство од нивото на односите помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, истовремено поздравувајќи ги заедничките ангажмани во рамки на регионалните процеси како САД-Јадранската повелба (групата А5). Пример за соработката, посочи министерот, претставува заедничкиот проект – комбиниран медицински тим во силите ИСАФ, чиј мандат заврши во 2009 година.
Воедно, на средбата, соговорниците разменија мислења околу идните модуси на соработка во рамки на новата мисија на Алијансата во Авганистан по 2014 година – мисијата „Одлучна поддршка“.
Во рамки на посетата, министерот Џафери и неговиот домаќин, министерот Котромановиќ го потпишаа и билатералниот договор помеѓу двете земји за изработка на предаквизициска студија за потребите на проектот BRAAD (Балкански регионален пристап кон противвоздушната одбрана), што претставува чекор напред кон реализација на проектот.
Министерот Џафери и делегацијата од Министерството за одбрана на Република Македонија, остварија средба и со претседателот на Хрватска, Иво Јосиповиќ, како и со претседателот на хрватскиот Сабор, Јосип Лек. Во текот на утрешниот ден, пак, министерот ќе ги посети Воздухопловно-теничкиот центар и фабриките од наменската индустрија, „Ѓуро Ѓаковиќ“ и „Борово“.
Република Македонија и Република Хрватска својата соработка ја темелат на Спогодбата за билатерална соработка од 2000 година. Досега, истата се има развивано во неколку области и тоа обуките и школувањата на припадници на Армијата на Република Македонија во Хрватска, потоа во регионални рамки, како активни учесници во САД-Јадранската повелба, „Клирингхаус на ЈИЕ“, иницијативата СЕДМ, Центарот за безбедносна соработка РАКВИАК, како и во иницијативите кои се во духот на концептот „паметна одбрана“ (Балканскиот регионален пристап кон ПВО, Регионалните медицински сили, Регионалните центри за обука и сл.).