Почнува европското првенство во фудбал, угостителите очекуваат зголемена заработувачка
Со мечот меѓу Франција и Романија од 21 часот и официјално почнува 15-тото Европско првенство во фудбал. Домаќин е Франција. На 10 стадиони, од денес па во наредните месец дена, 24 селекции ќе се борат за насловот „Првак на Европа“. Македонската телевизија ќе ги пренесува сите натпревари. Љубителите на фудбалот веќе се подготвуваат за спектаклот...

Со натпреварот меѓу домаќинот Франција и репрезентацијата на Романија, вечер ќе почне 15-то Европско фудбалско првенство што ќе трае еден месец. Натпреварите од ЕВРО 2016 ќе се играат на десет стадиони и тоа во Париз, Бордо, Ленс, Лил, Лион, Марсеј, Ница, Сент Дени, Сент Етијен и во Тулуз.
Оние кои не заминаа во Франција да гледаат фудбал тоа може да го сторат наредниот месец на преносите на МТВ, да гледаат фудбал, или со друштво во локалите.
Голем екран за пренос и сѐ што оди со групното гледање фудбалски натпревари. Угостителите се подготвуваат и очекуваат зголемена заработувачка. Сите со нетрпение ги исчекуваат натпреварите.
24-те селекции се поделени во шест групи, од кои пласман во следната фаза ќе обезбедат двете првопласирани, како и четирите најдобро рангирани репрезентации кои ќе завршат на третото место во групите. Ова е трет пат Франција да биде домаќин на ЕП по 1960-година и 1984-тата кога „триколорите“ станаа и европски шампиони.
Наташа Јанчиќ
